|
ВЕЈКА НА НОВИОТ МИЛЕНИУМ (ТИА) Премиерата на претставата „Вејка на ветерот„ од Коле Чашуле во Режија на Нела Витошевиќ заврши исклучително успешно, пред точно 30 минути. На Малата Сцена на нашиот национален театр присуствуваа претставници од македонската културна и уметничка елита; Режисерот и професор Слободан Унковски, Трендо и Зорица Црношија, Иво Антов, Васил Христов, Сотир Трајков повеќе театарски режисери, актери и претставници на медиумите. Новата „Вејка„ пленува со својата прецизност, исклучително добро направаената подела на улогите и може да се каже маестралната игра на актерите. Во црно-бело решената сценографија која изобилува со симболика и квалитетно но економично користење на и така малиот простор, Тони Михајловски во улогата на Велко, ја достигнува својата полнокрвна актерска зрелост. Исклучително потентниот тон на ликот што му го дава Тони, во одлично одбраната спрега и партнерство со Магда на Јелена Јованова, го поставуваат моќниот темел на оваа класика од македонската драматургија. Камка Тоциновска како Служавката и Славиша Каевски како Џими, со својата филигратска игра ја надополнуваат исклучитено прецизната пост-модерна инсталација што младата режисерка успева да ја материјализира на сцената. Премиерата помина во еден здив, држејќи ја публиката во постојана градирачка тензија, која кулминираше со 5 излегувања на поклон на актерите. МНТ и македонскиот театар, во оваа 2008 година, со оваа премиера, добија јагода на врвот на шлагот на оваа исклучително успешната театарска сезона. Браво!
|