Пантомимичари од Европа, Америка и Јапонија во Скопје
Фестивалот кој трета година по ред се организира во Скопје, ќе почне на 12 март, а до 16 март во МНТ, МКЦ и Детскиот театарски центар ќе се одржат осум претстави избрани во конкуренција од четириесетина пријавени
Со претставата "All five" во изведба на Дан Пуриц Компани од Романија, којашто ќе се одржи на 12 март (20 часот) на сцената на МНТ, ќе започне годинашниов трети по ред Интернационален фестивал на пантомима и физички театар. Пред македонската публика во наредните денови, поточно до 16 март, ќе се претстават пантомимичари од Европа, Америка и Јапонија. Осумте претстави, колку што годинава влегоа во најтесен избор, од пријавените четириесетина, ќе се одржуваат на сцената на МНТ, МКЦ и Детскиот театарски центар. -Иако имавме голем број пријавени кои сакаа да учествуваат на фестивалот, сепак моравме да направиме избор водејќи се не само според квалитетот на претставите, туку и според финансиите со кои располагаме. Од друга страна имаше голем број пријавени претстави кои, сепак, повеќе одговараат на улични, а нашата интенција е пантомимата и физичкиот театар да ги поставиме на сцена, потенцира Трајче Георгиев, пантомимичар и директор на фестивалот. Иако годинава на "Панфис 2010" ќе пристигнат главно учесници кои сами можеа да ги сносат трошоците за превозот, сепак Георгиев најавува квалитетни претстави. По романската претстава со која ќе се отвори фестивалот, македонската публика веќе наредниот ден на сцената на МНТ, ќе може да ги види претставите "Two of us" исто така од романската Дан Пуриц компанија во 20 часот, и претставата "Алтер Его" во изведба на Александар Илиев, Бугарија во 21.30 часот. На 14 март во Младинскиот културен центар (20 часот) ќе се одржат претставите "Ла Дивина" со изведувачи од Израел, а во 21.30 "Театар 0077 ќе ја изведе претставата "Игра". Следниот ден, на 15 март во 20 часот, во МКЦ ќе биде изведена и претставата "Under Montana moon" со Бил Бауерс од Америка. Во Детскиот театарски центар, пак, последниот ден од фестивалот, 16 март, во 20 часот ќе се одржи претставата "Сеќавање за утре" во изведба на Дамир Дантес, Швајцарија/БиХ. Со јапонските изведувачи и претставата "Кагуја" завршува фестивалот, по што ќе биде доделена и парична награда од 300 евра за најдобрата претстава. Инаку, фестивалот е финансиски поддржан од Министерството за култура на РМ со 300 000 денари.
Извор „Вечер„ 10.03.2010
|