МОНОГРАФИЈА ЗА ДАНКА ФИРФОВА PDF Печати Е-пошта
Напишано од Нелко Нелковски   
Понеделник, 08 Февруари 2010 13:17

Во чест на првата оперска певица

Неодамна во Скопје беше промовирана монографијата "Данка Фирфова - живот посветен на музиката", посветена на животот и делото на првата школувана оперска певица во Македонија, од авторката Мирјана Павловска Шулајковска


Не е особено честа можноста да се погледне сеопфатно моногафско издание посветено на животот и работата на некој од македонските музички уметници, особено ако станува збор за жена. Оттука монографијата "Данка Фирфова - живот посветен на музиката" дело на музикологот Мирјана Павловска Шулајковска, а издание на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, е од особено значење и тоа на повеќе нивоа.

Данка Фирфова е уметник кој и припаѓа на првата генерација образовани македонски музичари и е еден од основачите на македонската музичка култура по Втората светска војна. Историски гледано, Фирфова е првата македонска оперска пејачка. По отворањето на Македонскиот народен театар, Фирфова станува еден од основачите на Македонската опера. Учествувала во првата професионална оперска претстава во 1947 година, операта "Кавалерија Рустикана" од Пјетро Маскањи. Бидејќи таа била единствениот школуван изведувач, Данка Фирфова ги имала главните улоги на репертоарот во оперите Аида, Норма, Отело, Турандот...

На прашањето зошто токму Данка Фирфова била предмет на нејзиниот интерес, авторката Шулајковска вели: "Данка Фирфова за мене била еден вид детска фантазија - тогаш сум ја доживувала како нешто посебно но недефинирано. Подоцна, кога музички се образував ми стана сосема јасно нејзиното значење. Таа е една навистина маркантна фигура." Инаку, монографијта е производ на едно сеопфатно истражување на македонската музичка сцена по Втората светска војна - поточно од 1944 до 1964 година, што музикологот Шулајковска го спровела прегледувајќи ги старите исечоци од весници од тој период, како и архивите на Македонската опера, МРТВ и приватните архиви на семејството Фирфови.

Во таа смисла е и трудот на Мирјана Павловска Шулајковска од 2006 година во кој се разгледува проблемот за реконструкција на уметничкиот пат на македонските музички уметници преку каталогизација и дигитализација на артефактите, и перспективите на компјутерската технологија при употреба на компаративните анализи што практично е применето врз легатот на Данка Фирфова. Според Шулајковска потребно е во иднина да се истражат цели генерации на македонски вокални уметници како Зина Креља, Ана Липша-Тофовиќ, Енцо Серини, Ѓорѓи Божиков, Гога Трајанов и многу други, што останува како задача за денешните музиколози.

"Секој уметник којшто оставил некаква трага зад себе треба да биде истражен на ваков начин", вели таа и додава: "Денеска има многу повеќе случувања и има многу повеќе медиуми, а порано имало само еден весник. Но, тогаш никогаш немало пропуштено да се објави најава и рецензија за некој настан од областа на уметноста, така што е многу лесно да се добие претстава за сцената во тоа време. Убаво е и потребно е во медиумите да се пишува за настаните од културата и уметноста, оти публиката има право да и биде објаснета уметноста, а од друга страна преку тие написи и објаснувања и се гради публика за уметничките настани. И другиот аспект е што уметникот преку ваквите написи останува забележан во историјата, оти музиката е уметност во моментот, но мора да остане забележана", вели Шулајковска.

Инаку, монографијата за Данка Фирфова има хронолошки приод кон животот и делото на уметницата, а пишувана е на лесен и разбирлив начин кој соодветствува и за стручната јавност, но и за обичните читатели кои би сакале да слушнат една убава животна приказна од нашите простори.

(А.П.)

 

          Извор „Вечер„ 08.02.2010

 
Copyright © 2010 Театарска Младина на Македонија. Сите права се заштитени.