Се' на место PDF Печати Е-пошта
Напишано од Нелко Нелковски   
Четврток, 04 Февруари 2010 22:11

  Почна новата театарска сезона. На самиот почеток праизведба на македонски текст во Драмски театар. Свежото и игриво драмско писмо на (пред се') актерот Сашо Тасевски, ја доби својата сценска верификација преку постановката на „Интермецо“,



Почна новата театарска сезона. На самиот почеток праизведба на македонски текст во Драмски театар. Свежото и игриво драмско писмо на (пред се') актерот Сашо Тасевски, ја доби својата сценска верификација преку постановката на „Интермецо“, една од петте драми објавени во збирката со скокотливо име „Шмизла“.

Текстот е дуо-драма, кој преку лесно водена драмска ситуација опфаќа една состојба на голо преживување на духот, живуркање во празна надеж дека нешто од корен ќе се смени утре, во иднина, некогаш - живот како интермецо меѓу два живота. Напишан во жив и динамичен дијалог, непретенциозен во изразот и универзално актуелен „Интермецо“ е вистинска провокација за поставување и за гледање.

Сиромаштијата некогаш знае да биде најголем сојузник на креативноста, па така и праизведбата во Драмскиот театар е медиумски неоптоварена. Во нејзиното создавање учествуваат тројца актери, самиот Тасевски во двојна улога на автор и на актер, неговиот партнер Рубенс Муратовски и нивниот колега Роберт Вељановски, кој ја презема улогата на неутрален набљудувач, т.е. режисер. Така, текстот изразен преку актерски средсва станува и останува доминантното и главно оружје на оваа претстава.

Лоцирани во центарот на сцената на Драмски театар, опкружени со публика од сите четири страни Тасевски и Муратовски успеваат да ја размрдаат и опуштат клаустрофобичноста и стегнатоста на свечениот премиерски миг уште на самиот почеток. Нивната игра е природна, спокојна. Намерите се јасни, комуникацијата меѓу нив е на ниво на одлично познавање и разбирање. Реалистичноста во изразот е поткрепена со блага дистанца, која кај Муратовски потекнува од потребите на ликот, а кај Тасевски е повеќе во функција на авторски коментар. Избегнувајќи непотребни актерски бравури и кулминации, актерите лесно ја вовлекуваат публиката во дејствието, која одговара со спуштање на „рампата“ со задоволство - гледањето. Сепак, мора да се назначи дека решенијата и играта на Муратовски се за нијанса поинспративни, поразновидни и помеки.

Во оформувањето на претставата учествуваат и Тихомир Спировски, како костимограф и сценограф и Горан Трајковски, како автор на музиката. И двајцата ја следат режисерската идеја за минималистички израз, па така сценските предмети, просторот, костимите, надворешните ефекти - се' е сведено на елементарните барања на текстот. Ништо повеќе и ништо непотребно.

Со неколку мали назнаки Вељановски на текстот му дава и современа, македонска, политичка нота, но тоа го прави умерено и дозирано, без да ја наруши неговата генералност. Така, иако мала и направена зад кулисите на проектите со „големи очекувања“, оваа претстава е навистина убав старт на сезоната и вкусен залак на гледачите.

Александра Бошковска

 

          Извор „Дневник„ 04.02.2010

 
Copyright © 2010 Театарска Младина на Македонија. Сите права се заштитени.