|

Вечната и бесмислена борба на македонскиот народ да го пронајде предавникот во своите редови и со тоа да ги реши сите проблеми е темата што се обработува во „Суд“, новата претстава на Македонскиот народен театар, чија премиера е закажана за утревечер во 20 часот. Познатиот текст на Коле Чашуле бил голем предизвик за режисерот Љупчо Ѓорѓиевски, кој на вчерашната прес-конференција рече дека претставата не се бави со историска реконструкција на едно време.
- Претставата не е заглавена во трло во 1903 година, кога се случува дејствието според текстот на Чашуле, пред самото предвечерие на Смилевскиот конгрес. На некој начин се' е стилизирано, а потоа доаѓаме до денешно време. Не се бавиме со дневна политика - вели Ѓорѓиевски.
Директорот на МНТ, Сашо Миленковски, рече дека оваа претстава е проект од минатата година, кој не успеале да го реализираат, а Ѓорѓиевски објасни дека главната насока била да се направи нешто од македонската драматургија. Кога почнале со работа, овој текст немал силен актуелитет како денеска, кога Македонија е разбранувана од темата за лустрација.
- Сите сме заглавени, шлајфуваме во место. Луѓето отидоа на Месечина, а ние се' уште се занимаваме со прашањето: Кој го уби Христо Црнамара (реплика од Чашуле). Што ќе се случи ако утре го најдеме вистинскиот убиец на Црнамара? Кога работевме, пред се' тргневме од себе си. Таа мрежа, во која постојано се заплеткуваме во барање некаква апсолутна вистина во односот на предавници и на патриоти. Се обидовме да влеземе во таа мрежа од денешен аспект.
Актерот Оливер Митковски објасни дека кај младата екипа постои дистанца во однос на комплетната македонска историја, иронија и цинизам во однос на тоа што се случува - рече Ѓорѓиевски.
Сашко Коцев, пак, ја опиша атмосферата во која течеле пробите.
- Во текот на читачките проби, пред канцеларијата на Европската Унија, која се наоѓа во близина на МНТ, се собираа луѓе што протестираа и викаа: „Не го даваме името“, „Кој ќе го предаде името“. Имаше луѓе кои поминуваа и велеа: „За што скандираат овие, што им е?“
Актерот Гораст Цветковски објасни дека целата претстава се базира на тоа дека никој не знае кој е предавникот, а кој патриотот.
На новинарско прашање дали режисерот очекува на претставата да дојдат патриотите и предавниците, тој одговори дека не ги дели така луѓето.
- Очекувам сите заинтересирани да дојдат. Влеговме многу искрено во овој проблем, па ако го побудиме интересот, убаво би било да се дружиме заедно, па и да дебатираме на таа тема - рече Ѓорѓиевски.
Главните улоги во „Суд“ ги играат Славиша Кајевски, Гораст Цветковски, Сашко Коцев, Борче Начев и Оливер Митковски. Сценограф е Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Нечак. (М.А.М)
Извор „Дневник„ 04.02.2010
|