|
Македонскиот балет ќе игра во Милано Уметничкиот директор на Националниот балет на Киев Виктор Јарменко и директорот од Скопје Киро Павлов договориле гостување во еден од најпрестижните милански театри за изведба на 7 претстави "Лебедово езеро" и 4 на "Силфида", во соработка со Украина и со Молдавија Македонскиот балет на 22 март заминува на повеќе од 20-дневно гостување во Милано, Италија каде што 7 пати ќе го изведе балетот "Лебедово езеро" и 4 пати "Силфида". Настапите се во театарот "Арчимболди", во кој три сезони се изведувал репертоарот на Миланската скала, додека таа се реновирала. Соработката ја менаџирале Виктор Јаременко, уметнички директор на Националниот балет "Шевченко" од Киев, Украина, и Киро Павлов, уметнички директор на Македонскиот балет. Првата изведба на "Лебедово езеро" е на 26 март, кога ќе играат Јана Саленко од Украина и Дину Тамазлацару од Молдавија, кои се првенци на Штац балетот во Берлин. Во две изведби на "Лебедово" ќе играат примабалерината Александра Мијалкова и првенците Мими Поп Алексова и Бобан Ковачевски. Во "Силфида", која ќе игра на 7, 8 и на 9 април, ќе играат танчари од Молдавија, со нашиот ансамбл. "Веќе една година работиме на оваа соработка. Го вративме железниот репертоар, направивме светски дела, и сега токму со тие дела нè канат. Годинава повеќе претстави ќе дадеме надвор отколку тука. Тоа е одлично, бидејќи секаде ќе бидеме претставени под нашето уставно име. Италија е земја каде што се негува балетот, во која е престиж да се влезе и да се настапува. Затоа ова е одлична можност за нас", ни рече Киро Павлов, уметнички директор на Балетот. Настапите и престојот не се покриени ниту од Министерството за култура ниту од Македонската опера и балет туку се од италијанскиот театар. Менаџери од Театарот биле неколкупати во Скопје, ги гледале претставите и ги одбрале овие две. Во Милано нема да оди Оркестарот, бидејќи тоа би чинело многу. Балетот "Лебедово езеро" од Чајковски е во кореографија на Виктор Јаременко од Украина, а сценографијата и костимите се на Украинците Андреј Злобин и Гана Ипатиева. Обновата на балетот "Силфида" беше во 2005 година, по музика на Херман Ловенскјолд, а кореографијата според Огист Бурнанвил е на Џејмс Амар од Франција, кој на нашата сцена ги има поставено и кратките балети "Наполи" и "Реквием". Амар е одличен познавач на специфичната балетска школа на Бурнанвил, која ја одликуваат многу скокови и комбинации, особено во машките игри. Костимите за овој т.н. бел балет се на Марија Папучевска, а сценографијата е на Крсте Џидров. Б. Нестороска
Извор “Вест„ 03.03.2010
|