
Со вечерашната изведба на проектот „Љубов моја“, Поповска го одбележува јубилејот - 50 години творештво
Невена Поповска
Јоана Поповска е доајен на македонското актерство и 50 години присутна на македонската театарска сцена. Во својата богата актерска кариера одигра повеќе од 300 улоги од светската, европската и домашната драматургија. Останаа запаметени нејзините ликови: Офелија во „Хамлет“, Дездемона во „Отело“, Живка во „Г-ѓа министерка“, Мара во „Свадбата на Мара“, Велика во „Пиреј“, „А“ во „Трите високи жени“, Ана во „Дама за еден ден“, Војводката од Јорк во „Ричард III“, Елени во „Зет за Кристина“, Варвара во „Последните селани“ и многу други.
„Моите педесет години на штиците што живот значат поминаа како за час. Кога ќе се навратам во минатото, се сеќавам дека во театарот почнав толку млада, бев дете што не ги ни броев годините. Но, сега сфаќам дека зад мене е половина век работа. И се уште од театарот не се откажувам. Ова за мене е голема среќа“, вели Јоана Поповска, кога зборува за својот педесетгодишен јубилеј.
Актерката која е една од водечките во современиот македонски театар, оставајќи силен печат и на светски фестивали, зад себе има една долга листа од над 330 одиграни ролји. И според нејзините пресметки, илјадници одиграни претстави. Подеднакво успешни се и нејзините улоги на македонската филмска сцена.
„Тешко е во овие изминати пет децении, со прецизност да се каже колку претстави сум одиграла. На пример, претставата ’Свадбата на Мара‘, ја одиграв над стопати. Сега можам да кажам дека без Мара не сум можела за живеам. Со таа улога направив многу работи. Но тука е и улогата на Велика од 'Пиреј'. Не сум одбила ниту една улога во мојата кариера, иако понекогаш ми било тешко да играм во претстави каде режисерите „не си ја знаеле својата работа“, вели со гордост Јоана. Си споменува на годините кога актерите од Битолскиот народен театар играле на „штици што зјаат“, без никакви услови за работа, на минус 40 степени. Но, имале една цел, да прават квалитетни претстави.
Поповска е добитничка на врвните признанија:„11 Октомври“, „4 Ноември“ за животно дело, „Стериина награда“, „Ловоров венец“ - МЕС Сараево, „Животно дело“-Македонски театарски фестивал, „Ристо Шишков“-Струмица, „1 Мај“ за труд, три награди за главни улоги на фестивалот „Војдан Чернодрински“, четири пати прогласена за актерка на Европа во Украина, Косово, Албанија и Македонија со монодрамата „Столови“ - Ежен Јонеско, и многу други. „Ова признание го добив на фестивалот за монодрама ’Моноакт‘ што се одржа во Приштина и во Пеќ на Косово. Таму настапив со монодрамата ’Столови‘ од Ежен Јонеско во режија на Љуба Милошевиќ“, ни изјави Поповска. Бидејќи по четврти пат го добива ова високо признание, актерката смета дека еден актер четири пати да се закити со ваква титула, тоа е навистина голема работа.
„Јоана Поповска за мене не е име. Таа е симбол, лик, метафора, идеја. Кога ќе помислам на неа секогаш пред очите како блесоци ми излегуваат нејзините креации на сцената на стариот Битолски театар. Гордата реплика на Цвета: ’Умрев ама турчинка не станав‘, крикот на младата девојка во ’Јелена Четковиќ‘ на крајот од вториот чин кога и ја гаснат цигарата од раката, Антигона кога пати и го советува Орест како да го одмазди татко им Агамемнон. Помнам како на десет годишна возараст се криев во ложите на стариот театар за да ги следам пробите на ’Свадбата на Мара‘ кога Јоана како Мара плачеше за нејзиниот љубен. Додека го пишувам текстов се наежувам при помислата на сцената кога како Велика од ’Пиреј‘ ги тажи своите деца кои едно по едно и умираат на раце.“, вели Ѓорѓи Јолевски, драмски селектор на „Охридско лето“ и продолжува: „Сите улоги одиграни подоцна во Македонскиот народен театар се бисер до бисер за во мојата меморија неизбришан да остане чинот на љубовните погледи помеѓу Шишков како Иванов и Јоана како неговата љубена. Нејзината страст за театар не запира и по нејзиното пензионирање влегувајќи од улога во улога и Жане, како што ја викаат блиските, се чувствува и однесува како да е на почетокот на кариерата обидувајќи се да ни ја подари сета своја снага, енергија и љубов со која е исполнета секоја пора од нејзината става, секоја клетка од нејзиниот мозок и секоја капка крв од нејзиното големо срце. Она што ќе ни го дари во предворјето на преубавата „Света Софија“ не е монодрама на актерка која го слави својот голем јубилеј, 50 години од своето актерско дејствување и не е само подарок за големиот јубилеј 50 години од постоењето на ’Охридско лето‘, на кое има настапувано многу пати со најразлични ликови во големи претстави. Јоана Поповска одново и повторно ќе го преживее својот живот како театарска реминисценција користејќи ги ликовите од своето минато и сегашност, несебично дарувајќи ни ја целата своја љубов и потсетувајќи не дека уште долго ќе уживаме во нејзината уметност."
Извор „Утрински весник„ 28.07.2010