|
Смеење до солзи со руски Шекспир
Претстава со шмек, со магија, на која публиката се изнасмеа до солзи, е Шекспировата комедија "Сон на летната ноќ", во режија на Бугаринот Александар Морфов од театарот "Вера Комаржевскаја" од Санкт Петребург, изведена прексиноќа во предворјето на "Св.Софија" на Охридско лето. Морфов, кој е еден од омилените странски режисери на македонската публика, и е докажан режисер на европската сцена, доаѓа во Македонија по пауза од пет години, со претстава чија премиера била во 2007 година.
 Тој покажува како не се потребни најнова технологија или нови трикови, за да биде успешна претставата. Важна е идејата. Има столови на сцена, душеци, актерите сами со ламби ги создаваат ефектите, и тоа е тоа. Едно од најпопуларните дела на Шекспир, за авантурите на четири млади љубовници од Атина, вили во шумата, и шест работници што сакаат да направат театарска претстава, Морфов ја претставува во 2 и пол часа, кои поминуваат во еден здив. Публиката неколкупати ги награди актерите со аплауз на отворена сцена, за да бидат поздравени на крај, нормално, покрај актерите, со голем аплауз Морфов и Валентин Светозарев, автор на функционална, но и сценографија како од бајка. Магијата на театарот, преку љубовта, шумата и ноќта, беше вистинско освежување за зачмаениот македонски театарски репертоар. Претставата игра вечерва на Бит фест на Хераклеја. Извор „Вест„ 22.07.2010
|