|
Ни фалат волја и храброст да се истрае  Верувам дека сите што се дел од театарот во Битола, и постари и млади, се спремни да се соочат со проблемите и да ги надминат, па затоа кога станува збор за богови, повеќе верувам дека судбината се крои со сопствените раце Најдобрата машка актерска улога во македонскиот актерски ринг минатата сезона ја создаде актерот од битолскиот театар - Огнен Дранговски во претставата „Браќа Карамазови“ во режија на Дејан Пројковски. Една година по премиерата, Дранговски вели дека се чувствува почестено што ја имал можноста да ја создаде улогата на Аљоша од еден од најценетите романи на Достоевски. Тој е еден од најактивните млади актери во Битолскиот театар и во последните десетина години го има речиси во секоја претстава. Од пред неколку дена, Дранговски игра во праизведбата на „Калеш Анѓа, дефинитивно“ во режија на Драгана Милошевска-Попов.
Тоа е претстава за жртвата на една жена која се' уште ечи, ама никој не ја слуша и не сака да ја слушне или ја слушнал, ама сега заборавил како била - вели Дранговски.
За две недели ќе замине во Сараево каде што ќе ја работи претставата „Се викам црвено“, според истоимениот роман на Орхан Памук, во режија на Мартин Кочовски. Станува збор за копродукција меѓу Мал драмски театар и театри од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Италија и од Турција.
Со восхитувачка духовна смиреност, сценски магнетизам, сугестивност, но истовремено и со жестока драматичност успеавте да изградите лик кој ни ги долови материјалната и духовната димензија на човекот - вака жирито на „Војдан Чернодрински“ ја оцени Вашата креација на ликот на Аљоша Карамазов. Самиот лик во романот поминува низ разни искушенија, па дали и подготвувањето на улогата Ви беше мачен процес?
- Не, воопшто не може да се каже дека процесот беше мачен, ами тежок, возбудлив, истражувачки. Се' почна со голема скепса од моја страна кога режисерот Дејан Пројковски баш мене ми ја додели улогата на Аљоша. Небев сигурен дека јас сум тој, но само по неколку проби разбрав зошто и тогаш почна патувањето. Се соочив со лик кој не зборува многу, кој не знае или не сака да ги коментира случувањата околу себе, човек кој сака да се затвори во својот манастир во себеси, кој сака да избега од реалните конфликти и маните на своето семејство, да избега од карамазовштината - страста за живот. Но тој човек, секоја дилема, искушение ги чувствува како физичка болка што успева длабоко да ја потисне и далеку од другите, за на крајот и самиот да се скрши во гнев предизвикан од сопствената немоќ. Сега, после повеќе од една година од премиерата на „Браќа Карамазови“, од дистанца кога ќе се сетам на процесот, можам да речам дека навистина бев почестен што ја добив можноста да креирам еден таков лик, а и тема што има безбројни можности, толкувања, мислења и гледања, зошто не секогаш актерите имаат шанса да се зафатат со работа на некое литерарно ремек-дело како „Браќа Карамазови“. БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР МОРА ДА ЗАЗДРАВИ
Во последните неколку години Битолскиот театар стрмоглаво се тркала од тронот што го држеше како водечки ансамбл, кој од фестивали се враќал само со пофалби. Како уметник кој во последните десетина години е сведок на многу театри во самиот театар, верувате ли дека најлошото помина и дека крајно време е божицата Талија да завладее со сцената?
- Не само што верувам дека најлошото поминало туку сметам дека не постои друга опција освен заздравување на театарот, особено сега по освежувањето со актерски кадар. Исто така, луѓето што нижеа успеси и пофалби се' уште се тука, никаде не заминаа, само сметам дека тие треба правилно и повеќе да се ангажираат, да се стават во погон нивното искуство и шарм. Мора да напоменам дека од нив има многу што да се научи и да се види. Неправедно е тоа што им се случи зашто тие го градеа театарот низ годините. Верувам дека сите што се дел од театарот во Битола, и постари и млади, се спремни да се соочат со проблемите и да ги надминат, па затоа кога станува збор за боговите, повеќе верувам дека судбината се крои со сопствените раце.
Театарот се' поретко учествува на фестивали, а годинава го нема дури и на Охридско лето, каде што речиси редовно настапуваше со премиери. Влијае ли таквата агонија врз Вас како актер?
- Се разбира дека влијае. Дури и во неколку наврати изгледаше дека ништо повеќе нема смисла, како да сте во некаков безизлез, дека се' што правите, се' што се обидувате да го покажете, не допира никаде. И тогаш почнува да се чувствува апатија и рамнодушност која е погубна. Видете, се' што се случуваше во изминатите неколку години некако ни се протна на сите, не' изненади, не' фати, што се вели, неспремни, зашто никој не очекуваше такво нешто. Оттука е и долготрајноста на проблемот. Но, сега кога веќе проблемот е лоциран, кога сите се соочени со него, мора да се реши.
Дел од битолските актери може да се видат и на алтернативните сцени во градот. Пополни ли празнотија отворањето на Мал драмски театар токму во времето кога националниот театар се истакнуваше со скандали наместо со спектакли?
- Отворањето на Мал драмски театар е доказ дека може да се прави театар надвор од институционалните театри, дека може да се прави театар кој не е целосно финансиран од државата и да се биде успешен во тоа, а докажа и дека има потреба од нови театри. Ни покажа дека кога имате идеја и имате потреба да ја сработите, ќе ја направите. Ништо не е невозможно. Тоа е она што малку ни фали на сите, храброст, но и волја да се истрае. ПОСАКУВАМ ТЕАТАР СО СИТЕ ЖАНРОВИ
Пред неколку месеци, заедно со седуммина Ваши колеги се одлучивте да го изразите незадоволството што со години работевте во театарот, а за возврат немавте статус на вработени. Тоа беше еден од ретките примери на организирање на уметници со цел да се изборат за надминување на одредена состојба. Ви се чини ли дека уметниците кај нас многу ретко избираат гласно да зборуваат за проблемите во својата професија, очекувајќи некој друг да го стори тоа за нив?
- Не само уметниците туку и сите луѓе ретко избираат гласно да зборуваат за своите проблеми. Особено кај нас. Тоа е проблем на нашето општество. Никако да научиме да живееме слободно и без предрасуди да дебатираме, да го кажеме сопствениот став за нешто и на крајот, да се бориме за своите убедувања или права. До некаде го разбирам тој страв на луѓето кој е поизразен особено во ова малку економски несигурно време, кога секој е загрижен за себе и за своите блиски. Исто така, тој менталитет е заостанат од некое друго време, кога се' беше сечие, колективно. Мора да се натераме да почнеме да дејствуваме слободно и индивидуално. Само така може да има напредок и развој. Затоа сум убеден дека уметниците ја имаат таа обврска да бидат тие што ќе дејствуваат најхрабро и најслободно, да им укажат и да ги поттикнат другите дека мора да се дејствува, дека никој друг нема да им ја заврши нивната работа.
Секој актер го сонува најдобриот театар за себе. Каква треба да биде Вашата матична сцена за длабоко во себе да си признаете дека тоа е најдобриот театар во кој сте можеле да играте?
- Сигурно театар што ќе ги негува сите жанрови на театар, каде што ќе имам можност да испробам секаков вид театар, кој ќе поставува на својата сцена дела од класиката, но кој би морал да ги прати светските трендови, кој нема да се плаши од нови имиња и би имал своја експериментална сцена, зашто сметам дека тоа е потребно. Сребра Ѓорѓијевска Извор “Дневник„ 19.07.2010
|