|
„Еднорог“ на Рисимкин ја освои Љубљана |
|
|
|
|
Напишано од Нелко Нелковски
|
|
Понеделник, 19 Јули 2010 12:05 |
|

Средновековната љубљанска тврдина Град во петокот вечерта ја освои многубројната публика што со одушевување ја поздрави премиерата на балетската претстава „Еднорог“ од Џан Карло Меноти, во кореографија на нашата Рисима Рисимкин. Претставата за лицемерието, медиокритетството, во извонредно креативно-инвентивната кореографија, одличните играчи што ја запоседнаа сцената предводени од грациозната Бојана Нендовок Отрин, во брилијантните костимографски решенија на Благој Мицевски, хор и оркестар во живо, сето тоа во прекрасен амбиент на отворената сцена направи премиерата на Словенско народно гледалишче во Љубљана да го собере на едно место уметничкиот крем не само на градот туку и од регионот. Ракоплескаа словенечки министри и директори на националните балетски куќи од Хрватска и од Романија, познати балетски уметници, режисери, телевизиски личности. Претставата „Еднорог“ е единствената балетската премиера годинава на Љубљанскиот фестивал, а Рисимкин претставата ја работеше во минатите два месеца. Се играше и минатите две вечери, а од есен таа ќе биде на репертоарот на Операта и балетот во Љубљана. Специјално за премиерата беше изработен и каталог во боја. Македонската публика најверојатно претставата ќе ја види на фестивал „Танц-фест“ в година. Извор “Дневник„ 19.07.2010
|