|
Monday, December 19, 2011 - 3:04 AM
Со премиерата на Македонскиот народен тетар - претставата „Свадбата на Фигаро“, текст на Пјер – Огистен Карон де Бомарше, а со сценска поставка на грузискиот режисер Леван Цуладзе синоќа во Гевгелија по 15- годишна пауза потворно се отвори сцената на реновираниот објект на Народниот театар во Гевгелија.
На новата сцена во Гевгелија настапи професионален актерски состав на МНТ, Сашо Коцев во улогата на Фигаро, Нино Леви - Грофот, Николина Кујача - Грофицата, Сашка Димитровска - Сузана, како и Славиша Каевски, Драгана Костадиновска, Томе Витанов, Марија Новак и Кирил Поп Христов.
Гледалиштето во реновираниот објект, како во партерниот, така и во балконскиот дел беше преполно од гевгелиските љубители на театарот, а дел од нив стоејќи ја проследија театарската претстава.
За сценската адаптација заслужен е сценографот Валентин Светозарев, а костимите се на модната куќа „Кокев & Кадриу“. Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска се заблагодари за поддршката од Канцеларијата на ЕУ за одобрувањето грант од 514 илјади евра кои, како што рече, се искористија заедно со средствата од локалната самоуправа за повторно оживување на овој 15-години нефункционален објект од опожарувањето во 2006 година.
Претходно, во паркот пред влезот на гевгелиската театарска зграда директорот и актерите на Македонскиот народен театар засадија три дрвца со цел уметноста во овој објект да се развива и живее столетно, како крошните на новонасадените дрвја.
На сцената на реновораниот театар во Гевгелија предвидено е во иднина да се претстават продукциите на сите театри од Македонија. Првото гостување го реализира МНТ со претставата „Свадбата на Фигаро“, а во рамки на двегодишниот договор за соработка такви гостувања ќе следуваат и во иднина.
|