Гевгелија, 18 декември 2011 (МИА) - Вечерва во Гевгелија, како 135 културно случување во рамките на годинашниот проект „Гевгелија - Град на културата за 2011“, ќе биде свечено отворен реновираниот објект и сценски простор на Народниот театар.
На свеченото отворање ќе се обрати министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, а се очекува да присуствуваат бројни гости и љубители на театарската уметност.
Овој храм на културата, изграден пред 56 години, 15 години остана надвор од функција поради тешките оштетувања како последица на опожарувањето кога настрада кровната конструкција, но и самата внатрешност на објектот.
Со помош на ИПА програмата на ЕУ наменета за локални инфраструктурни проекти, со финансиска поддршка од 514.000 евра и локални буџетски средства од 100.000 евра, објектот го враќа својот првичен лик и функционалност.
По 12 месеци изведбени работи на фирмата „ВИА“ ДОО Вевчани, со средствата од европскиот грант и локалната поддршка, вратена е некогашната архитектура на просторот, поставена е нова електрична, водоводна и одводна инсталација, како и систем за греење и климатизација.
Првото сценско гостување во новоотворениот културен храм пред гевгеличани ќе го имаат професионалните актерски имиња од Македонскиот народен театар со претставата „Свадбата на Фигаро“