Битола, 17 декември 2011 (МИА) - Српската филмска комедија „Парада“ на режисерот Срџан Драгојевиќ, по синоќешното премиерно прикажување во Скопје, прва проекција ќе има и во Битола на големото платно во Центарот за култура.
Во пресрет на доаѓањето на дел од авторскиот и актерскиот тим, директорот на НУ Центар за култура-Битола Борче Димитровски најави дека за филмот постои голем интерес и затоа е ставен и на редовниот кино-репертоар за наредните седум дена.
- Крајот на календарската година ја завршуваме со премиерна проекција на српската филмска комедија „Парада“. Филмот на култниот режисер Срџан Драгојевиќ е сниман на повеќе локации во државите од Балканот, но и во Македонија односно во Битола во Старата чаршија и две битолски села, и токму затоа филмот предизвикува дополнителен интерес, истакна Димитровски.
По завршувањето на премиерната проекција во Битола закажана за 20.30 часот ќе биде организирана средба со режисерот Драгојевиќ, и дел од актерите меѓу кои и Никола Којо и Тони Михајловски.
„Парада“ во Србија за еден месец го проследиле 300.000 гледачи, истакна директорот на НУ Центар за култура Борче Димитровски на средбата со новинарите. мт/ва/12:24