Велес, 17 декември 2011 (МИА) - На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот‘‘ синоќа премиерно беше изведена претставата „Онегин‘‘, според романот во стихови на Александар Сергеевич-Пушкин по препев на Георги Сталев, а во режија и драматизација на Ѕвезда Ангеловска.
Улогата на Онегин ја играше Васил Зафирчев, улогата на Владимир Ленски-Роберт Ристов, како мадам Ларина настапи Слободанка Чичевска, а улогите на Олга Ларина, Кети Борисовска и Татјана Ларина беа во изведба на Маја Љутков.
Актерот Васил Зафирчев изјави дека Онегин е само она што може да го посака секој актер во својата биографија.
- Ова е првпат во мојата кариера и воопшто во животот да сфатам колку е важно животното искуство за една улога. Тоа во оваа улога ми се покажа најсилно, најмоќно и сфатив многу рано во процесот дека не треба да правам ништо, туку само да ја раскажам мојата интимна приказна низ еден текст што се вика „Онегин“. Мојата интимна приказна за љубовта која не познава почеток ни крај, која не познава средба ни разделба, туку љубовта која останува без оглед на се, рече Зафирчев.
Тој додаде дека ваквите улоги менуваат голем дел од животот, кој продолжува со една посилна верба дека сепак љубовта победува.
Режисерката Ѕвезда Ангеловска по претставата изјави дека се чувствува возбудено, а некако испразнето затоа што сега, како што рече, ја обзема чувство на тага бидејќи ќе морам да се раздели со актерите кои високо одговорија на сите задачи.
Таа изрази надеж дека оваа претстава ќе ја виде не само велешката, туку и македонската публика, а ќе гостува и надвор од границите на Македонија.
Во претставата впечаток остави и раскошната сценографија и костимографија на Валентин Светозарев, изборот на музика беше на Ѕвезда Ангеловска, а сценското движење на Маја Каревски. ад/11:11